Директорот на Пазарна инспекција се закани – Ако не ги намалат цените ќе останат без субвенции за струја

Фирмите кои добија поевтина струја од државата имаат рок уште 10 дена да ги намалат цените. Во спротивно, Владата ќе ги укине субвенциите на оние фирми кои добија поевтина струја ако во рок од десет дена не ги поевтинат производите. Според Горан Трајковски, директорот на Пазарна инспекција парите наменети за оваа мерка ќе им бидат дадени на граѓаните.

„Државниот пазарен инспекторат веќе работи на извештајот кој ќе покаже кој ќе остане без поволноста да плаќа 80 евра за мегават потрошена електрична енергија. Од над 200 производители на основни прехранбени производи, само мал дел ги намалија цените, и тоа за денар или 2. На прсти се бројат и компаниите чии производи поевтинија од 7 до 13 отсто. Државниот пазарен инспекторат на терен проверува дали трговците ги почитуваат законите. За 10 дена казнети се 150, кои треба да платат 86 илјади евра“, вели Трајковски.

Ако не се намалат цените на процентот што е договорен помеѓу компаниите и Владата и согласно очекувањата на потрошувачите, подобро тие средства да ги дадеме на граѓаните преку различни мерки, вели  и Крешник Бектеши, министер за економија.

Инспекторите постојано се на терен, па така открија многу неправилности.

Advertisements

Најмногу казни се изречени поради непочитување на законот за финансиска дисциплина, односно не си ги плаќале обврските кон компаниите и дистрибутерите. Затоа што не ги ограничиле маржите пазарните инспектори изрекоа 45 прекршочни платни налози.