Министерот за економија Крешник Бектеши вечерва на ТВ Сител изјави дека Министерството за економија речиси ги завршило анализите за замрзнување на цените на дел од производите – тестенините и млечните производи и веќе од наредната недела ќе биде обелоденето каква одлука е донесана.
Штом ќе бидат готови сите анализи ќе ја информираат Владата. Предвидено е да се анализираат сите производи наведени во одлуката на Владата за замрзнување на трговската маржа.
Бектеши во однос на производителите на леб беше категоричен дека оние компании кои продавале леб по цена од 50 денари, работеле спротивно на законите, а не давале ниту фискални сметки.
„Нема да има никакви отстапки. Во делот на тужбата секој има право да тужи, демократска држава сме, но немало никаков притисок, а тие не знаат како да избегаат од тоа што го направија“, рече Бектеши и ги повика институциите да направат контроли на „нечесните производители“.
Бектеши истакна дека додека е ова раководство во Министерството за економија, овие компании нема да можат да имаат средба со нив, бидејќи, како што кажа, „дента кога ја најавија мерката истите ја прекршија додека работеа на црно“.
Министерот најави дека ќе се укинат и субвенциите за електрична енергија кај јавните комунални претпријатија доколку сакаат да ја зголемат цената на водата.