Државната каса во 2025 година ќе има 6,5 милијарди евра – нема да се расфрлаат пари за мебел и возила

Предлог буџетот за 2025 година изнесува рекордни 6,5 милијарди евра. Приходите се проектираат на 5,8 милијарди евра.

Владата го усвои Предлог-буџетот за 2025 година кој носи стабилизација на јавните финаснии и екононски раст, со истовремена фискална консолидација. Обезбедивме повеќе пари за капитални расходи и развој, средства за навременa исплата и раст на пензиите и повисоки плати во образованието. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција на која го претстави усвоениот Предлог-буџет за 2025 година.

„Владата на седница денеска го усвои Предлог-буџетот за 2025 година со кој ги поставуваме темелите за стабилизација на јавните финансии и економски раст. Буџетот за 2025 година содржи политики и мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст“, рече министерката и додаде дека економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7%, буџетскиот дефицит на 4% од БДП и инфлацијата на 2,2%.

Advertisements

Како што посочи вкупните приходи во Буџетот се планирани на 358,838 милијарди денари што претставува 13% раст во однос на оваа година. Порастот на приходите се темели на поефикасна наплата и борба со неформалната економија.

Вкупните расходи, додаде, се проектирани на ниво од 400,2 милијарди што претставува раст од 10% во однос на оваа година, додека дефицитот е на ниво од 4% или во износ од 41,350 милијарди денари и номинално е понизок за 3,3 милијарди денари во однос на оваа година.

„Со еден збор креиравме буџет којшто треба да носи вистински развој на државата. Капитални расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари кои бележат раст од 13% или 6 милијарди денари во однос на ребалансот на Буџетот за оваа година. На тоа го темелиме развојот, а тоа се огледува и од фактот што износот на капиталните расходи се повисоки од номиналниот износ на дефицитот. Она што е најважно е дека креираме решенија за да постигнеме вистинска реализација на капиталните расходи и да ја промениме состојбата од минатото. Тука ќе биде нашиот фокус и затоа ја сменивме и политиката. Политиката вели да поддржиме квалитетни проекти и проекти кои можат да се реализираат во брзо време и да дадат импут во економскиот раст“, потенцира министерката за финансии.

Таа истакна дека со Предлог-буџетот се креирани политики со кои се поддржува животниот стандард. Така за испалта на пензиите и предвиденото зголемување од 2.500 денари се предвидени 105 милијарди денари или за 15 милијарди повеќе од оваа година. За исплата на плати се обезбедени 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемувањето на платите во образованието, за поддршка на ранливите категории се предвидени 14,5 милијарди денари или 500 милиони денари повеќе, за здравствена заштита се обезбедуваат 5,2 милијрди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.

При тоа потенцира дека се намалуваат средства кај непродуктивните трошења, како што се ставките за мебел и возила.

„Состојбата се уште наметнува да штедиме многу повеќе, но внимателно ќе постапуваме за да им овозможиме на институциите редовно извршување на своите надлежности и можност за испорачување на квалитетнти услуги кон граѓаните и бизнисот“, рече министерката.

Предлог-буџет за 2025 година ќе биде доставен на усвојување во Собранието.