Mинистерот за економија, Крешник Бектеши после вчерашната акција на Кванташкиот пазар, што ja спроведоа Државниот пазарен инспекторат, Управата за финансиска полиција, Агенцијата за управување со одземен имот и МВР изјави дека се одземени над 15 тони овошје и зеленчук.
Тој најави дека акциите ќе продолжат.
„Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташкиот пазар, има казни за увозници на овошје и зеленчук, а секако и за компаниите кои се занимаваат со малопродажба, како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ. Акциите ќе продолжат секојдневно до завршување на одлуката која ќе важи и во наредниот период“, изјави Бектеши.
Директорот на ДПИ, Горан Трајковски, ова е само почеток и ќе продолжат контролите на сите локации низ земјава.
„Затекнати се трговци кои не водат евиденција за трговија. Стоките се донирани и се распределени каде што е најопходно. Јас како директор апелирам до сите економски субјекти, да си ги остварат платните налози“, рече Трајковски на заедничката прес-конференција.
Бектеши рече дека повеќе компании имаат избегнато плаќање давачки што е кривично дело и дека откако ќе завршат анализите и на Финансиската полиција во петок јавно ќе се покренат кривични постапки за тие компании.
„Избегнување на давачки од над 10 000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави. Утврдивме дека неколку компании тоа го направиле, при крај се анализите на финансиската полиција и за други компании и до петок ќе бидат покренати кривични постапки. Владата, институциите си ја вршат навремено својата работа, со цел да ги заштитат потрошувачите и да не дозволат во вакви времиња да се прават профити“, изјави Бектеши.