Компанијата СВОД МАСТЕР АД Скопје, сопственик на првата националната стриминг-платформа „Глеј“ и М6 Едукативен центар објавија стратешко партнерство преку потпишување на Меморандум за разбирање, означувајќи ново поглавје во дигиталната и едукативна трансформација на бизнисот во Македонија.
Со оваа соработка, „Глеј“ официјално станува дел од екосистемот на М6 Едукативен центар, приклучувајќи се на заедница од над 30 водечки компании кои активно придонесуваат за развојот на корпоративната едукација, иновативноста и професионалниот раст во деловното опкружување во земјава. Партнерството ќе ја засили интеграцијата на дигиталната продукција со образовната содржина, проширувајќи ги границите на достапност и влијание на македонскиот јазик и културната автентичност.
„Чекор напред“, водечкиот поткаст на М6, ќе добие ексклузивен простор на платформата „Глеј“, каде новите епизоди ќе се снимаат во новото поткаст-студио на М6, додека постоечката архива ќе биде достапна за гледачите по нивно барање. Ова е прв чекор во низа заеднички иницијативи кои ќе следуваат, а кои ќе вклучуваат тематски серијали, интерактивни поткасти, вебинари, истражувачки проекти и менторски сесии.
„Ова е историски момент во промоцијата на одржливиот развој на поединците и заедниците во образовните пристапи со користење на сите видови на иновации, вклучително на дигиталната стриминг индустрија. Со поддршката на „Глеј“, ќе создадеме единствено онлајн место каде што најдобрите практики, иновативните решенија и македонскиот јазик се спојуваат за да ги надминат сите граници на учењето и развојот,“ изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на М6 Едукативен центар.
„Чест ни е што се приклучуваме на M6 Едукативниот центар и на нивниот екосистем од компании чии успеси го надминуваат македонскиот пазар и конкурентно се позиционирани на регионалните и светските пазари. Заедно ќе го обликуваме идниот едукативен дигитален пејсаж во Македонија, обезбедувајќи висококвалитетна, домашно продуцирана содржина“, додаде Дарко Перушески, извршен директор и коосновач на СВОД – МАСТЕР АД.
Комуникациската стратегија на оваа соработка ќе ја води Chapter 4, комуникациски партнер на М6 Едукативниот центар и ПР-агенција на платформата „Глеј“.
Ова партнерство дополнително ја зацврстува позицијата на „Глеј“ како технолошки и медиумски предводник, особено по неговиот историски влез на Македонската берза преку иницијалната јавна понуда (IPO), потврдувајќи дека домашната продукција и едукација имаат иднина кога се обединети.