Ковачевски: Од утре исплата на јануарската финансиската поддршка за пензионерите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска денеска се сретнале со претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова и со претставници на Сојузот, на која е најавено дека од утре пензионерите ќе ја добијат на своите сметки, втората исплата на финансиската поддршка за пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари од вкупно четири исплати, односно финансиска поддршка во времетраење од четири месеци, соопштуваат од прес службата на Владата.

„На почетокот на новата година се сретнав со раководството и со членови на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, за да потврдиме дека партнерски продолжуваме да се грижиме за животниот стандард на пензионерите, преку системски и одговорни политики. Не како во некои минати времиња кога пензионерите беа злоупотребувани за предизборни цели“, рекол на средбата премиерот Ковачевски, дополнувајќи дека минатиот месец, со исплатата на декемвриската пензија, финансиска поддршка од 1.500 денари добиле 62.951 лице, чија пензија е до 11.525 денари и по 750 денари добија 65.704 лица, со износ на пензии од 11.526 до 14.000 денари.

На средбата од страна на премиерот Ковачевски било истакнато дека ова не е единствената финансиска поддршка за пензионерите предвидена со антикризни мерки.

Advertisements

„Финансиска помош во вкупна вредност од 3.000 денари, добија 330.000 пензионери, за месеците март, април и мај 2022 година. Пензионерите во 2023 година влегоа со повисоки пензии за околу 10%. Ова е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година“, рекол Ковачевски.

Тој на средбата со претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, највил дека следува ново усогласување на пензиите за два месеца во оваа нова 2023 година, во месец март, според трошоците за живот и порастот на просечната плата.

„За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%. И тоа календарска, неизборна година“, порачал Ковачевски.