Пазарниот инспекторат за Тинекс МТ ДООЕЛ изрече прекршочна казна затоа што не сме ја почитувале одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошје и зеленчук. Но, тоа не е сторено затоа што добавувачите не ни носеа овошје и зеленчук, се вели во реакцијата на Тинекс, откако вчера беа изречени казни за непочитување на владината одлука.
„Казните за маркетите на Тинекс се изречени затоа што во маркетите немало количини или воопшто немало одделни производи (овошје, зеленчук) кои се опфатени со мерките на Влада. И покрај сите сторени напори, направени нарачки и остварени контакти со добавувачи, Тинекс-МТ не успева да ги обезбеди потребните количини на овошје и зеленчук пропишани со Одлуката на Влада, од причина што истите не се достапни на пазарот по цени по кои е наложено да се набавуваат и продаваат. Тинекс-МТ како трговец со својата најдобра намера да излезе во пресрет на своите потрошувачи како и да ги исполни одлуките на Влада, не е во можност да продава производи доколку добавувачот не му ги дистрибуира“, се вели во реакцијата на Тинекс МТ – ДООЕЛ.