Ќе има евтина струја и преку ден – по два часа дневно, најави Бислимоски

Дневната евтина тарифа на електричната енергија ќе се врати во периодот од 11 до 16 часот, односно по два часа дневно. Се прават последните пресметки и за период од десет до 15 дена ќе се знае во кој период таа ќе биде воведена. Засега е познато дека ќе биде два часа, најави Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија.

„Дали сите граѓани ќе ја добијат евтина тарифа одеднаш, ќе зависи од ЕВН која ќе ги проверува и прилагодува броилата. Ќе бараме поинтензивно да се менуваат броилата кои не може да се отчитуваат од далечина, затоа што смарт броила има многу многу“, изјави Бислимоски.

Бислимоски исто така зборуваше и за цената на струјата и  рече дека се прават последните анализи и дека некои оператори доставиле предлози за цени.

„Електродистрибуција побара зголемување од 32%, а ЕВН не достави предлог цена затоа што следниот месец ќе ги прави набавките на електрична енергија. Во однос на враќањето на ДДВ на 18%, ние како Регулаторна одлуките ги носиме без ДДВ и нашата одлука нема да влијае “, вели Бислимоски.