Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, во интервју за МИА најави нова инвестиција од Северна Америка, која ќе биде лоцирана во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Штип и треба да донесе близу 2.000 нови работни места.
Деспотовски додава дека во тек се преговори што се водат веќе една година, со американско-тајванска компанија, каде што во конкуренцијата се Србија и Кина.
„Очекувам дека за еден до два месеца ќе имаме добри вести и ќе ја имаме следната најголема инвестиција во постоењето на ТИРЗ, овој пат над 200 милиони евра и близу 4. 000 нови работни места“, изјави Деспотовски.
Тој вели дека е зголемен интересот кај инвеститорите, не само странски, туку и домашни за земјава и дека само во моментов во ТИРЗ се во фаза на понапредни преговори за инвестиции од над 500 милиони евра.
„Преку законот за стратегиски инвестиции работиме на инвестицијата на грчки „Митилинеос“ во делот на енергетиката, која тежи над 200 милиони евра. Но, она што е уште позначајно е дека сè повеќе се отвораме и кон домашните компании бидејќи кај нив лежи голем инвестициски потенцијал. Наскоро во зоните ќе инвестира и голема македонска компанија што верувам дека сигурно ќе поттикне серија инвестиции од домашните компании“, изјави Деспотовски за МИА.