Забележано е намалување на цените на одредени основни прехрамбени производи, односно намалување на цените на маслото за јадење, од 113 денари на 97, кај белиот леб од 40 на 35-32 денари, зависно од типот, македонскиот ориз од 66 денари на 64 денари, додека пак намалувањето кај млекото е од 2 до 5 денари, истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
„Секојдневно се следи движењето на цените на основните прехранбени производи особено кај производителите кои што добиваат субвенционирана цена на електрична енергија, и доколку кај некој од нив се утврди дека нема намалување на цените се реагира преку пазарниот инспекторат и потоа ќе бидат преземани нормално дополнителни мерки, но кај голем број производители цените се намалени во просек за 10% кај основните прехранбени производи“, рече Ковачевски.
Тој вели дека одлуката се почитува, односно маржа од 5% има кај овие продукти – лебот, шеќерот и маслото, како и 10% во останатите продукти спомнати во одлуката како млекото шпагетите, јогуртот и друго.
„Намалени се цените на лебот кај пекарите, кај маркетите намалени цените на прехранбените и млечните производи и маржата се почитува според одлуката. Од денот на донесување на Одлуката 07.10.2022 година има намалување на цените на Масло за јадење (од 21 до 46 денари) по литар, зависно од типот на производот и производителот: млеко од 2 до 5 денари по 1 литар, јогурт од 7 до 14 денари по 1 литар, павлака од 8 до 9 денари, леб од 1 до 5 денари, и истите во зависност од производителот и грамажата на лебот кој што е во малата продажба“, рече Ковачевски.