Ковачевски: Навреме донесовме антикризни мерки за да спречиме раст на цените

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“ рече дека уште кога започна растот на цените на струјата се направија интервенции.

„Уште во декември 2021 година ја замрзнавме цената на основните прехранбени производи за 3 месеци, заклучно со февруари 2022, пред војната во Украина. Предолго држење на замрзнати цени може да доведе до недостаток на производи ако влезните цени станат повисоки од финалната продажна цена, но континуирано се применува ограничување на трговските маржи, што ќе продолжи до 30 април 2023 година. Белиот леб, зејтин и шеќер остануваат со 5 отсто трговска маржа, а млекото, кашкавал, урда, јајца, макарони, јогурт, павлака остануваат со 10 проценти маржа, бидејќи овие производи се сметаат за основни прехранбени производи“, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски оценува дека геополитички тензии од воената инвазија врз Украина, во услови кога светот сè уште трпи последици од пандемијата, придонесуваат кон влошување на глобалниот амбиент, неповолно делуваат на економските изгледи и создадоа дополнителни притисоци врз светските цени на основните производи и енергенсите.

Advertisements

„Сите антикризни мерки се навремено донесени во консултација со сите страни и делуваме во најбрз можен рок да се реализираат. Од почетокот на годинава донесовме пакет антикризни мерки од 760 милиони евра, кој е најголем пакет на државна помош во регионот според податоците на Европската банка според учеството на БДП. Компаниите ги ослободивме од плаќање на ДДВ при увоз на природен гас и струја, со што се намали приходот во буџетот за 26 милиони евра. Од април ја субвенционираме цената на струјата со 80 проценти на реалната берзанска цена за сите 600.000 домаќинства и за 72.000 компании. Донесовме мерки и за школите и за компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, со цел да спречиме понатамошен раст на цените и да влијаеме кон намалување на цените. Веќе имаме намалување на цените на лебот, млекото, зејтинот во маркетите”, рече Ковачевски.