Дополнително Ковачевски истакна дека, во време на најголема енергетска криза, ја имаме и најдобрата година до сега од постоењето на ТИРЗ и тоа е навистина голем успех.
„2022 ја завршивме со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година. 16.300 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во цела држава. Извозот од зоните во 2022 година, достигна 3,7 милијарди евра што меѓу другото се должи и на новоотворените работни места. Првичните анализи покажуваат дека на секој 1 денар вложен од државата, компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот. Тоа значи дека имаме инвестиции кои носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните. Јас верувам дека државата може уште повеќе да напредува и да се развива и среќен сум што таква можност гледаат и странски компании кои што инвестираат во нашата држава. Трендот, се повеќе странски компании да отвораат тука, а видовте дека годината ја започнавме со нова инвестиција од 40 милиони евра во ТИРЗ во Скопје, е можност за отворање на нови работни места, компанијата „Магна мехатроникс“ започна со подготовки за изградба на нова фабрика којашто ќе вработи 600 луѓе со 40 милиони евра и сето тоа влијае врз растот на просечната плата во државата која што надмина 33.000 денари за прв пат во нашата историја“, рече Ковачевски.