Ковачевски: Со субвенционираната струја и ограничените маржи го штитиме стандардот на граѓаните

„Донесовме една многу важна одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со којашто го продолжуваме ограничувањето на маржите до 30 април 2023 година, доколку условите на пазарот со цените тоа го бараат. Но, донесовме и одлука со којашто се овозможува на Министерството за економија, доколку тоа условите на пазарот го побараат, да изврши и замрзнување на одредени цени на основни прехранбени производи“, порача премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

„Дополнително на тоа, Владата на Република Северна Македонија овозможи од 1 декември оваа година, да се користи субвенционирана електрична енергија кај домашните производители на основните прехранбени производи, се додека трае кризната состојба во непречено снабдување со електрична енергија“, посочи премиерот Ковачевски.

Тој рече дека сега, со оваа мерка, цената на субвенционираната енергија е 80 евра за мегават час, а ако не е оваа можност, производителите би требало да платат до 5 пати повисока цена.

Advertisements

„Целта е со субвенционирана електрична енергија кај домашните производители и регулирана трговска маржа, на пазарот да имаме коригирани цени“, додаде премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека првите резултати на пазарот се: намалување на цената на млекото од 76 денари на 74 денари, на маслото од сончоглед од 165, 167 денари на 112 денари, а цената на месните преработки е намалена во просек од 4 до 8 проценти.

Тој соопшти и дека инспекциските служби ги следат цените на основите прехранбени производи и дека се прават и редовни контроли во делот на Законот за трговија, за да се заштити домашниот пазар од злоупотреби во прометот, а само во текот на овој месец, декември, се направени 240 инспекциски контроли.

„Генерално, се констатира дека производителите, увозниците и трговците на мало и големо се придржуваат на највисоката утврдена маржа од 5% и 10% на производите наведени во Одлуката. За време на контролите, утврдено е дека намалувањето на продажната цена во продажните објекти е резултат на намалувањето на цената на гореспоменатите производи од страна на производителите соодветно“, рече премиерот.

Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека согласно извршените инспекциски надзори месецов, во големите ланци на маркети, коишто вршат трговија на мало, констатирано е дека цената на лебот се движи од 42 денара до 49 денари во зависност од грамажата и производителот, односно утврдено е намалување од 2 до 3 денари; дека сончогледово масло за јадење се продава по цени од 97 денари до 104 денари за пакувања од 1 литар и 905 милилитри во зависност од производителите, односно утврдено е намалување на цената од 2 до 5 денари; дека брашното од еден производител е намалена за 4 денари и во моментот изнесува 40 денари за килограм.

„Од страна на одредени производители на останатите производи наведени во Одлуката, доставени се известувања до продажните објекти за намалување на цените во наредниот период. Намалувањето на цените ќе се изврши по продажба на одредена количина на залихи коишто веќе се набавени од страна на продажните објекти, по повисока цена во претходниот период“, рече премиерот.

Претседателот на Владата, Ковачевски, објасни дека цените на прехранбените производи се резултат на инфлацијата на глобално ниво, што се случува во услови на исклучително тешка економска и енергетска криза на целиот европски континент, предизвикани од воени дејствија, а со стапки од 10 и повеќе проценти. Поттикната е од два фактора, посочи премиерот: дизбаланс во економијата, поради тоа што во пандемијата побарувачката и производството беа намалени – и од исклучително ниски стапки на инфлација, сега е обратно, зголемена е побарувачката, а е мала понудата, што резултира со високи цени. И, втората причина е војната во Украина, кадешто се произведува 35 проценти од житото во Европа и нарушените канали на снабдување на гас и сите производи коишто се произведуваат од гас, како што се вештачките ѓубрива – коишто влијаат на цената на храната, електричната енергија, како инпут во сите други производи и зголемувањето на цената на нафтата и нафтените деривати, коишто влегуваат како инпут во производствените и услужните процеси, што влијае на енормно зголемување на инфлацијата.