Недоволно прецизираната законска регулатива е причината поради која дел од граѓаните влегуваат во огромни долгови и често во должничко ропство поради брзи кредити, рече народниот правобранител Насер Зибери на денешната презентација на Годишниот извештај за заштита на човековите слободи и права во 2022 година.
„За да има јавноста претстaва што зборувам ќе илустрирам со еден пример. Земен кредит од 9.000 денари, за доцнењето на неговата исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат огромни трошоци. Така, за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846 денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомена 5.900 денари, долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е сума 8 пати поголема од долгот“, рече омбудсманот.
Зибери укажа на потребата од иницирање на итни законски измени за да се заштитат граѓаните од овој грабеж и од ваквото должничко ропство.
„Бидејќи со сегашната законска регулатива граѓаните корисници на овие брзи кредити се ставаат во огромни долгови, барам веднаш да се пристапи кон нејзина измена со цел граѓаните при враќањето на кредитите да не бидат повеќекратно оштетени“, рече Зибери, посочувајќи кон Министерството за финансии како надлежно за подготвување на бараните законски измени.
Тој изрази загриженост за оваа масовна појава, за која граѓаните поднесуваат претставки до него, за што нема надлежност.
„Сите сме сведоци на би рекол агресивните реклами за брзи кредити без камати, кои ги нудат голем број финансиски друштва низ Републиката, со процедура за нивно добивање која се одвива дури и по електронски пат, со давање кредит за затварање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, а со отсуство на ефикасна контрола и надзор на нивното работење како и околноста што во законот што ја регулира оваа материја, не постои ограничување на вкупните трошоци, надоместоците и провизиите на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва, ниту обврска задолжително јавно да го објавуваат тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или на видно место во работните простории“, рече Зибери.