Македонците од 1 јули ќе можат да се вработуваат во Србија и Албанија – се отвора пазарот на трудот

Претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж, говорејќи за иницијативата Отворен Балкан истакна дека од 1 јули ќе почне да функционира отворениот пазар на труд меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија, што ќе им овозможи на граѓаните на овие земји слободно да се вработуваат во овие три земји во корист на компаниите и економиите на членките на Иницијативата, јави дописникот на МИА од Белград.

Според него постои јасен правен модел и примери како другите европски земји станале членки на единствениот европски пазар и посочи дека од клучно значење е да се започне нова комуникација и динамика на разговори со ЕУ.

Чадеж на ТВ Пинк изјави дека саемот на вино во Белград „Винска визија на Отворениот Балкан“ и саемот на вино „ВинИтали“ во Верона беа одлични можности за промоција на регионот и на нови деловни зделки.

„Важно е ние да соработуваме во регионот, но и да разговараме многу активно со ЕУ за што поскоро да добиеме влез на единствениот европски пазар и да ги уживаме четирите слободи. Тоа не е само прашање на нашиот економски опстанок, туку и европско безбедносно прашање, консолидација на ресурсите, идни иновации …, рече Чадеж, се наведува во соопштението на ПКС.