Маркетите немале време да ги преправат цените, мерката за затворање е драконска, реагира Антони Пешев

Мерката е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите. Многу беше кратко времето за кое маркетите можеа да се „престројат“ во однос на намалувањето на цените, особено зашто се работи за околу 1 200 артикли, изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, коментирајќи го завчерашното затворање на повеќето ланци маркети во Скопје и Струга.

Според Пешев, затворањето никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените.

Тој очекува уште денеска да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа.

-Учествував на двата состанока во Министерството, и со големите ланци на супермаркети и со дистрибутерите. Искажана беше подготвеност да се поддржи иницијативата за намалување за десет отсто на таа класа производи која беше важна за Министертсвото. Веројатно постојат некои пропусти, но во директна комуникација со министерот, а се надевам и денеска ќе имаме директни комуникации по координативниот состанок со ланците супермаркети, ќе се обидеме проблемот да го сведеме на некакво логично време кое ќе им се даде на маркетите да се прилагодат на мерката. Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1 200. Мерката е драконска, непотребна и предизвикува штети, а дека Министерството има можност да ги затвора објектите, веројатно има. Тоа треба да биде последната мерка кон која Министерството треба да прибегне, рече Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.

Не е добро, потенцира, супермаркетите да останат затворени, независно колку и да се.

Advertisements

-Се надевам дека во еден кооперативен дијалог во текот на денот ќе најдеме начин како барем објектите да почнат да работат и да се договориме во која динамика ќе се поправат недостатоците кои биле еветнуално востановени. Јас немам директен записник поради кои причини биле затворени супермаркетите, се надевам ќе имаме и информација. Динамично работиме, бевме во комуникација и вчера, во недела, ќе бидеме во комуникација и денеска. Не е добро да останат супермаркетите, колку и да се, затворени. Никому тоа не носи бенефит, особено сега кога се намалени цените, подвлече извршниот директор на Комората.