Мора да има социјална правда: Поевтина струја за граѓаните што имаат помали плати и за фирмите што трошат помалку

Наша заложба е да нема значително зголемување на цената на струјата, иако трендот на зголемување на цените на енергенсите, на електричната енергија, на производството и на берзанските цени укажува дека треба да има значително зголемување на цените, изјави денеска на прес конференција директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Тој објасни дека настојуваат одредена категорија на потрошувачи да плаќаат пониска цена за електрична енергија.

Според првиот човек на ЕСМ, мора да се направи некој баланс и да има социјална правда. Тоа би значело дека оние што имаат помали примања да плаќаат помали сметки, тие што си дозволуваат поголем луксуз и имаат поголема потрошувачка на електрична енергија да плаќаат повеќе.

Advertisements

– Граѓаните што штедат енергија, што трошат помалку, имаат помали примања, живеат во помали објекти и за нив Владата бара начин да нема зголемување, туку можно е да има одреден процент на намалување на сметката за електрична енергија, за сметка, пак, на четвртиот блок, оние најголемите потрошувачи, кои трошат најмногу енергија, кои користат поголеми капацитети за загревање, тука ќе има поголемо зголемување, вели директорот на ЕСМ.

Ковачевски објасни дека Владата прави за малите потрошувачи да има намалување на цената на електрична енергија, тоа се оние 65. 000 субјекти кои се на регулираниот пазар.

Директорот Ковачевски вели дека околу 7. 000 правни субјекти ги прекинале своите дејности.

Токму тука, вели тој, треба да се стави фокусот и да има значително намалување на цената на електричната енергија.

ЕСМ заедно со Владата прави пресметки цената што ЕСМ ќе ѝ ја дава на „ЕВН хоум“, Електродистрибуција и МЕПСО, сите три заедно да не предизвикуваат зголемување на цените, односно да има дури и намалување на цената за крајните потрошувачи, вели Ковачевски.