Градежништвото останува еден од најсилните двигатели на домашната економија, што го потврдуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за првиот квартал од 2026 година, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според податоците, градежниот сектор во првите три месеци од годинава бележи раст од 7,2 проценти во однос на истиот период лани. Николоски оценува дека овие бројки се силен показател за континуирана градежна активност низ целата држава и за успешна реализација на капиталните инвестиции значајни за економскиот развој.
Тој посочи дека особено охрабрувачки е растот во нискоградбата, кој изнесува над 20 индексни поени. Овој сегмент ги опфаќа инвестициите во автопати, експресни и регионални патишта, локална патна инфраструктура, како и железнички проекти.
Николоски нагласи дека автопатиштата на коридорите 8 и 10д се градат со засилена динамика, паралелно со инвестициите во железничката инфраструктура, кои, како што рече, се клучни за долгорочен економски развој, регионално поврзување и зголемување на конкурентноста.
Во однос на растот на бруто-домашниот производ од 3,1 проценти во првото тримесечје, вицепремиерот оцени дека станува збор за јасен сигнал дека економијата расте и дека владините развојни политики даваат резултати.
Според него, податоците на ДЗС потврдуваат дека градежништвото останува клучен мотор на економскиот развој, а инфраструктурните проекти значајно придонесуваат за растот и развојот на државата.



