Нов удар од Вашингтон: Трамп ги зголеми глобалните царини на 15 отсто објави Скопје1.мк

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека со итен ефект ги зголемува глобалните царини од 10 на 15 отсто, повикувајќи се на овластувањата од американскиот Закон за трговија. Одлуката следува само еден ден откако Врховниот суд на САД пресуди дека неговите претходни „реципрочни“ царини биле незаконски, бидејќи немале соодветна законска основа.

Врховниот суд оцени дека претседателот не може во толкав обем да се повикува на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања од 1977 година за воведување широки глобални царини без јасно одобрување од Конгресот. Трамп ја критикуваше пресудата, а веќе денес најави нова стапка, тврдејќи дека станува збор за „правно проверена“ мерка.

Првата реакција пристигна од Франција. Францускиот претседател Емануел Макрон, за време на посетата на земјоделски саем во Париз, изјави дека е добро што во САД постојат механизми на контрола и рамнотежа меѓу властите.

„Добро е што во демократиите постојат механизми на власт и противтежа на власта. Тоа треба да се поздрави“, рече Макрон.

Во однос на најавената глобална царинска стапка од 15 отсто, францускиот претседател посочи дека Париз внимателно ќе ги анализира последиците. „Ќе ги проучиме точните ефекти, што може да се направи и ќе се приспособиме“, изјави тој.

Макрон нагласи дека „најправичните можни правила подразбираат заемност, а не трпење еднострани одлуки“. Според него, доколку новата мерка придонесе за смирување на ситуацијата, тоа е позитивно, но приоритет треба да биде намалување на меѓународните тензии и модернизација на националните економии.

Одлуката на Трамп повторно ги отвора прашањата за стабилноста на глобалниот трговски систем и можните контрамерки од европските и други партнери, во време кога светската економија и натаму се соочува со сериозни предизвици. објави Скопје1.мк