Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе од 675 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари. Со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти. Листата на производите кои се понудени од страна на производителите и дистрибутерите може да се види на веб страницата „mojakosnica.mk“.
Листата на производи, како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците.
-Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
На забелешките од новинарите дека во листата на производи во новогодишната кошничка има производи чии цени во изминатиов период се зголемени, премиерот Мицкоски му предочи на директорот на Пазарниот инспекторат да направи контрола какви се цени на пазарот сега и потоа дали тие ќе бидат намалени.
-Не би сакал да верувам дека сите оние кои денеска беа присутни тука, беа присутни колку да бидат присутни, а потоа да го изиграат договореното. По 15 јануари и понатаму ќе продолжиме на добра волја и преку разговор да работиме за периодот кој што следи, бидејќи стандардот на граѓаните ние пред се и над се. Секогаш ја имаме на располагање алатката Владата да донесе одлука, но не сакаме на тој начин да работиме, бидејќи во минатото беше критикувано од страна на трговците, производителите дека се репресивни мерки. Сакавме да покажеме дека заеднички можеме да дојдеме до производ околу чија цена сите ќе се сложиме и покажавме дека тоа е можно, рече Мицкоски.
Сепак, додаде, доколку видиме дека некој ова го злоупотребува и ја изигрува довербата на Владата и на граѓаните, секогаш имаме на располагање алатки да го спречиме тоа.
-Ако некој производ до пред 10 десет дена чинел 10 парички и сега вештачки се покачил на 12 парички и од 15 декември повторно се врати на 10 парички не сме направиле ништо. Но, ако се врати на 8 парички тогаш веќе нешто сме направиле. Затоа велиме дека Пазараниот инспекторат има свои алатки и своја методологија во овие 10 дена кои ни преостануваат до воведување на мерката да ги констатира цените и да види какви беа претходно и врз основа на тоа да носиме заклучоци. Се разбира оние кои изигруваат ќе бидат опоменати. Доколку и после опомената нема разум и сакаат да изигруваат и да не постапуваат етички тогаш имаме алатки како тоа да го спречиме, појасни Мицкоски.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши оцени дека новогодишна кошничка е нешто многу поразлично од досегашните мерки кои се носеле со цел заштита на стандардот на граѓаните.
-Различна е по тоа што наместо ние како Министерство за економија и труд и Влада да носиме одлуки за замрзнување и ограничување на цени и маржи, влијаеме на намалување на цените на основните прехранбени производи, во соработка со Стопанските комори со производителите, дистрибутерите и трговците денеска имаме новогодишна кошничка која што произлегува токму од бизнисот. Групите на производи се сублимираа во листа на прехранбени производи во опфат од над 675 производи, понудени од вкупно 59 компании, производители и дистрибутери, рече Дурмиши.