По 9.000 денари за учениците што ќе се запишат во прва година гимназија

Една македонска општина ќе додели по 9.000 денари за секој средношколец кој ќе се запише во прва година

Советот на Општина Кратово едногласно ја прифати иницијативата на градоначалникот Тодорче Николовски за доделување еднократна парична помош на сите ученици кои ќе се запишат во прва година средно образование на територијата на општината.

Според донесената одлука, секој ученик кој ќе се запише во прва година гимназиско образование ќе добие финансиска поддршка во износ од 9.000 денари.

За оние пак кои ќе се определат за стручно образование во секторот угостителство и туризам, поточно за профилот хотелско-ресторантски техничар, Општината предвидува еднократна субвенција од 3.000 денари.

„Дополнително, учениците запишани во овој профил како дел од дуалното образование, кои ќе ги исполнат условите, ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари во текот на девет месеци, обезбедена од Владата и Министерството за образование и наука“, информираат од Општина Кратово.

Од локалната самоуправа нагласуваат дека целта на оваа мерка е да се мотивираат младите да го продолжат своето образование во родниот град, со што директно се поттикнува нивниот професионален развој во сопствената средина.

Advertisements