Според најавеното, но и официјално не потврдено, зголемување на пензиите во земјава за 7 отсто, корисниците на земјоделска пензија може да очекуваат мартовската исплата да им биде поголема за најмалку 594 денари. Според последните официјални податоци објавени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, просечната земјоделска пензија во јануари годинава изнесувала 8.491 денари, која доколку се зголеми за најавените 7 отсто, во март би изнесувала 9.085 денари. Според податоците на Фондот, во земјава имаме 59 корисници на пензија по основ на земјоделско право во јануари годинава.
Просечната семејна пензија во јануари годинава изнесувала 13.989 денари, а ја добиле 74.349 корисници, по основ на работно и воено право. Оваа група на пензинери може да очекуваат своите мартовски пензии во просек да им бидат зголемени за 979 денари, односно просечната исплатена семејна пензија да изнесува 14.968 денари.
Според методологија, која беше усвоена минатата година, пензиите се усогласуваат два пати годишно според трошоците на живот и растот на просечната плата, односно станува збор за усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Зголемувањето на пензиите од 7 отсто, пред два дена го најави во изјава и премиерот Димитар Ковачевски, кој истакна дека за година дена пензиите се имаат зголемено за 16%, а со усогласувањето во март пензиите ќе бидат за над 20% зголемени.
„Ова е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година. Оваа методологија, која ја утврдивме заедно со Сојузот на здруженијата на пензионери, работена според швајцарскиот модел, дава резултати на долг рок. Усогласувањето, според оваа методологија се врши два пати во годината, односно во март и во септември и ги следи промените во двата индекса за усогласување. На овој начин осигуравме заштита на пензионерите во осцилациите на трошоците за живот и ги поврзавме покачувањето на пензиите со покачувањата на просечната плата“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.