Душан Митрев ја презеде функцијата генерален директор на „Пивара Скопје“.
Тој доаѓа на местото на Горан Сладиќ, кој продолжува да раководи со деловните операции на „Кока-кола“ во Нигерија.
Митрев припаѓа на генерацијата млади професионалци кој своите знаење, искуство и менаџерски вештини ги градеше во „Пивара Скопје“, на која се приклучи во 2010. Во 2016 стана финансов директор на компанијата, а во изминатите три години беше директор на продажба на „Кока-кола“ во БиХ.
„Се радувам што си доаѓам дома, во „Пивара Скопје‘, на чело на тимот и средината кои многу добро ги познавам. Тргнувајќи од мотото „Еднаш Пиварец – секогаш Пиварец“, имам силна енергија и визија како заедно со вработените да продолжиме да ја водиме „Пивара Скопје“ напред, вложувајќи во нејзините одржлив раст и развој и во натамошно јакнење на довербата и задоволството на потрошувачите“, изјави Митрев.
Минатата година, „Пивара Скопје“ ја одбележа 100-годишнината од основањето, а в година ќе прослави и 100 години од почетокот на производството на „скопско“.