„Се шокирав кога слушнав дека нашата смедеревка се продава за повеќе од 250 евра“ – голем скандал истражува Европол во Франција

Голем вински скандал во Франција во чија истрага бил вклучен и Европол ги поврза винските куќи во Бургундија со винариите во Македонија.

Како што покажала истрагата што ја спровеле заеднички локалните агенции за спроведување на законот во соработка со Европол, мрежата на фалсификатори на вина кои увезувале вина од Балканот броела најмалку седум лица.

Тие, вели, обвинителството, купиле готово вино од мала македонска винарија, дополнително го одлежувале во буриња за да развијат специфичен француски карактер, а потоа го пласирале како Шардоне под етикетите на познатите винарии од Бургундија.

„Брзиот пораст на цените на врвните вина од Бургундија, на кој бевме сведоци во изминатите неколку години, се чини дека засега е незапирлив тренд, и покрај винарската криза во Европа и падот на продажбата на вина од другите историски региони. Зголемената побарувачка за вина од Бургундија почна да води кон нелегални практики“, како што објавија француските медиуми.

Некои винари од Бургундија, поточно од Шаблис и Монтраше, наместо вино од нивните ознаки, своите шишиња ги наполнија со македонска смедеревка.

Францускиот енолог Теле Репомаше, кој работи за една од винариите чии сопственици се обвинети за фалсификување вино со заштитено географско потекло, застана во одбрана на својот работодавец, а исто така им упати висок комплимент на вината од Македонија.

– Едноставно, немаме доволно вино, и никој не се занимава со тој проблем! Сфативме дека Смедеревка од Северна Македонија може да биде одлична алтернатива кога ја пробавме во локално балканско бистро на пат кон Грција. Па, тоа е феноменално, тие имаат многу карпест тероар, соленоста и минералноста се неверојатни. Како да одолееме, особено по таа цена – вели Репомаше.

Енологот додаде дека се шокирал кога видел дека балканците ги пијат овие вина измешани со газирана вода и, како што рече, со некаква плескавица на скара на јаглен.

Како што објавија француските медиуми, сопственикот на винаријата во Македонија, како што покажуваат сите докази досега, целосно не знаел за идната намена на неговите вина.

– Да, се шокирав кога слушнав дека нашата смедеревка се продава за повеќе од 250 евра по шише. „Па, ние го продадовме тоа вино за 50 евроценти“, вели сопственикот на винаријата во центарот на овој голем скандал што неочекувано ги поврза винарите од Франција и Македонија, пренесува vinoiinfo.rs.