Министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари средба со Управниот одбор на ЗЕЛС, каде што главна тема беа високите трошоци за електрична енергија со кои се соочуваат јавните претпријатија, училиштата, општините и уличното осветлување.
Се разгледуваа неколку можни решенија и мерки што ќе придонесат за намалување на трошоците за електрична енергија на јавните институции.
Унифициран терк за јавни набавки
Како прв чекор, на општините ќе им се даде на располагање единствен терк за јавни набавки на електрична енергија кој ќе можат да го користат сите институции, а е изработен во соработка со Бирото за јавни набавки. Ова ќе обезбеди набавка на електрична енергија по поповолни цени, поголема транспарентност и избегнување на непотребни трошоци.
Поддршка при набавка на струја
Ќе бидат назначени лица за контакт од Министерството кои ќе делуваат како советодавно тело за институциите при набавка на електрична енергија.
Набавка на струја преку македонската берза
Јавните институции ќе бидат насочени да набавуваат електрична енергија преку Македонската енергетска берза (MEMO), со интенција референтна берза да биде македонската берза, наместо како досега набавката да оди преку странски берзи како HUPX. Со тоа би се избегнале дополнителните трошоци за пренос и други давачки.
Проекти за енергетска ефикасност
Општините побараа поддршка од Министерството за реализација на проекти за енергетска ефикасност. На пример, некои општини веќе имаат формирано сопствено претпријатие и инсталирани фотоволтаици, но се соочуваат со административни пречки при добивање дозволи за продажба на вишокот произведена електрична енергија. Министерството ќе помогне при надминување на овие бариери.
Паметно улично осветлување
Околу 60% од општините веќе имплементирале smart решенија за улично осветлување, што значително ги намалува сметките за струја. Останатите општини ќе бидат поттикнати да го следат овој пример.
Одговорност за лошо управување со енергијата
Беше отворено прашањето за кривична одговорност во случаи на несоодветно управување со јавните набавки за електрична енергија, доцнење во процесот или ненавремено планирање, што доведува до финансиски загуби и долгови.
Проектите за енергетска ефикасност под ингеренција на Министерството
Општините побараа проектите за енергетска ефикасност да се спроведуваат централизирано преку Министерството за енергетика, наместо преку повеќе различни институции, со цел поголема ефикасност и побрза реализација.
Министерството за енергетика останува посветено на изнаоѓање одржливи решенија за намалување на трошоците за електрична енергија во јавниот сектор и подобрување на енергетската ефикасност во општините. Во координација со Владата и останатите засегнати институции и компании ќе се разговара и за дополнителни мерки а се со цел помош и поддршка на јавните институции.
На состанокот дополнително се разговараше и за активности што општините можат да ги преземат во соработка и со помош на министерството, во насока на реализација на проекти што ќе придонесат за зголемување на енергетската ефикасност, генерирање помали трошоци и подобрување на условите за живот на граѓаните.