Индексот на трошоците на животот во ноември 2022 година, во однос на ноември 2021 година, бележи зголемување од 19.5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 15.2 %, објави Државниот завод за статистика.
Цените на храната и безалкохолните пијалоци во номеври 2022 година, споредено со истиот месец минатата година, бележат раст од 29,8%, додека пак кај трошоците за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, Државниот завод за статистика измерил раст на цените од 20%.
Помал раст на цените статистика бележи во однос на претходниот месец од годинава.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во ноември 2022 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.5, а индексот на цените на мало изнесува 100.2.
Пораст на индексите на трошоците на животот во ноември 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај жестоките пијалаци за 4.0 %, виното за 3.4 %, месото за 2.6 %, рибата и морските плодови за 2.2 %, млекото, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1.9 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1.8 %, сирењето и урдата, кафето, чајот, какаото за 0.8 %, јајцата за 0.7 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.6 %, пивото за 0.3 %, лебот и житата за 0.2 %.