„Mартовската пензија ќе пристигне со покачување од 8.4 отсто“, соопшти министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска пред пензионерки во Битола, на работилница насловена „Активно стареење-лозинка за соочување на менталното и физичкото здравје”, соопшуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Ова најавено зголемување на мартовските пензии од 8,4 отсто отстапува за 1,4 проценти поенти од она што претходно се најавуваше во јавноста.
Зголемувањето на пензиите од 7 отсто, пред три дена, најави во изјава премиерот Ковачевски, кој истакна дека за година дена пензиите се имаат зголемено за 16%, а со усогласувањето во март пензиите ќе бидат за над 20% зголемени.
„Ова е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година. Оваа методологија, која ја утврдивме заедно со Сојузот на здруженијата на пензионери, работена според швајцарскиот модел, дава резултати на долг рок. Усогласувањето, според оваа методологија се врши два пати во годината, односно во март и во септември и ги следи промените во двата индекса за усогласување. На овој начин осигуравме заштита на пензионерите во осцилациите на трошоците за живот и ги поврзавме покачувањето на пензиите со покачувањата на просечната плата“, изјави премиерот Ковачевски.