Владата ги замрзна цените – ќе купуваме поевтини тестенини и млечни производи

Владата донесе одлука да ги замрзне цените на тестенините и на млечните производи со што тие ќе се намалат за 15 односно 10 отсто, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши. Оваа владина одлука одлука ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.

„Се замрзнува односно намалува цената на тестенините кое намалување се предлага да биде за 15 проценти на цената која се применува во трговијата на мало на 1 март 2023 односно во просек за околу 8 до 9 денари. Се работи за тестенини односно макарони и шпагети. Исто така, се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие производи за период од 13 март 2023 до 31 мај 2023“, изјави Ковачевски.

Тој истакна дека највисоките цени на млечните производи ќе бидат утврдени врз основа на нивната цена од 1 март годинава.

Advertisements

„Се замрзнуваат и цените на млечните производи и тоа трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, урдата, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравји кашкавал – со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало кои цени се намалуваат за 10 проценти“, рече Ковачевски.