Владата го пушти во употреба првиот дигитален асистент во јавниот сектор кој ќе „работи“ 24/7

Владата денеска официјално ја пушти во употреба АДА, дигитален асистент во јавниот сектор, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција, со што на компаниите на кои ќе им овозможи добивање целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која се нуди за инвестициите, се вели во владиното соопштение.

Како што посочуваат, преку дигиталниот асистент, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да се запознаат со достапните програми и отворени повици на институциите кои се јавуваат како даватели на државна помош, и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време 24/7 на три јазици, македонски, албански и на англиски на интернет адресата: ada.gov.mk.

Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на денешното лансирање рече дека воведувањето на првиот дигитален асистент во давањето јавни услуги претставува надоградба на нашите практики за дигитализација во општеството.

Advertisements

„Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава. Процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава. Како Влада, која е насочена кон осовременување и следење на светските трендови, во изминатиот период поддржавме, а и ќе продолжиме да поддржуваме поголем број на иновативни иницијативи “, изјави премиерот Ковачевски, во своето обраќање, на денешната презентација на првиот дигитален асистент во јавниот сектор-АДА.

Потенцирајќи дека поддршката со инвестиции во компаниите постојано расте, премиерот Ковачевски нагласи дека минатата година е забележана рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, вкупно 410, по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

„Употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликува и применува и во јавната сфера, како и во работењето на нашите институции. Па така, илустрирано преку едноставни примери, ако порано билетите ги издаваа луѓе, сега тоа го прават машините. Физичкото плаќање на сметки кое порано беше единствено можно преку шалтери, сега е заменето со онлајн плаќање, исто како што е овозможено и вадењето на лични документи да биде по електронски пат а она на што веќе работиме е електронски ИД за граѓаните на Северна Македонија. Така, го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики“, рече премиерот Ковачевски.

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во неговото обраќање рече дека АДА е материјализирање на промената која на сите ни е потребна, е материјализирање на дигитализацијата која постојано ја зборуваме, за транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор.

„Но, каков разултат е АДА, од каде произлезе. Имаше две клучни работи пред две години кога ја почнавме дискусијата за АДА. Првото беше извештајот на Стејт Департментот кој тогаш излезе за борбата со корупција. Во сегментот за борба против корупција имаше едне дел кој се однесуваше на делењето на државнат апомош и поддршка на инвестиции, и во истиот стоеше дека транспарентноста е клучна за сузбивање на појавата на корупција и дека елеминацијата на истата ќе биде императив и треба да биде императив на Владата. И денеска нормално, одговорот го најдовме во дигиталниот асистент базиран на вештачка интелегенција АДА. Вториот предизвик беше личен, затоа што како претседавач на советот за старт ап еко системот беше како да им помогнеме на нашите домашни компании да вистина покажат тоа што го знаат. И вториот резултат е АДА, креирана од домашна старт ап компанија, Кодвел“, рече вицепремиерот Битиќи.