Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлогот на закон за данок на солидарност, со што ќе се воведе данок на есктра профит, кој треба да биде извор за финансирање на мерки за справување со кризата.
Од Владата информираат дека придонесот за солидарност, според тоа како е посочено од Министерството за финансии, треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании, коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.
„Со цел да се изврши корекција на пазарната дисторзија и да се обезбеди редистрибуција на товарот на негативните последици од кризата, како што е објаснето од Министерството за финансии, повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит (Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија)“, се вели во соопштението од прес-службата на Владата.
Воведувањето на овој данок треба да има солидарна функција и да обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата.