Во февруари и март останале без плата 20.000 работници

Во месец март регистрирани се 69.156 работодавачи со 555.161 вработени. Од нив 56.073 исплатиле плата, а 5.716 работодавачи за 11.612 вработени не испратиле плата за третиот месец од годинава. За февруари пак, има 5.136 работодавачи кои не им пуштиле плата на вработените, информира Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

ПИН пријавите за плати треба да се достават до 10 во месецот, за претходниот месец, а обврската за исплата на платите е до 15 во месецот. Тие кои не исплатиле плати добиле опомена, а подоцна ќе им биде блокирана и сметката.

Според податоците на УЈП од почетокот на годината до денес се извршени 1.522 контроли и кај 702 субјекти се констатирани неправилности во однос на неиздавањето на фискални сметки и непоседување фискален апарат.

Advertisements

Контроли биле извршени и кај 33 златари од Тетово, Гостивар, Кичево и Битола, а кај 18 од нив имало огромни разлики во непријавениот промет кои се движеле и до речиси 3 илјади евра. Надлежноста за одземање на нелегалниот златен накит е кај пазарната инспекција.

На т.н. пластичарска улица во Скопје биле извршени 30 контроли, а кај 28 имало неправилности (не издавале фискална сметка и не воделе евиденција на прометот). Изречената казна била 15 дневна забрана за вршење дејност.