Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски денеска пред медиумите рече дека затворените маркети кои во саботата беа казнети поради тоа што не ја испочлитувале владината мерка за намалување на цените на 25 производи за 10 отсто, од четврток повторно ќе продолжат со работа.
„Зборуваме за сериозни компании кои не смеат да си го дозволат тоа и не смеат да дозволат да доведуваат граѓани во заблуда и да се служат со нечесни трговски практики. Без селекција, без компромис – затвораме. Тоа можевте да го видите. Казните се платени и истите ќе може да отворат од четврток изутрина“, рече Трајковски.
Директорот на ДПИ најави дека од денеска ќе има нови засилени контроли по новите одлуки на владата и дека ќе се зголеми и надзорот на помалите продавнички.
„Државниот пазарен инспекторат и денеска ги контролира големите ланци на маркети. Од исходот на вечерните часови ќе знаеме во текот на ноќните часови, или во текот на утрешниот ден. Но не застануваме тука, казни има, ќе се зголеми и бројот на проверки кај помалите продавнички-трговци на мало, но и кај снабдувачите и трговците на големо. Бидејќи, не сакаме да видиме никоков недостаток на стока кај трговците на мало“, изјави Трајковски.