Министерот за економија Крешник Бектеши утринава во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 најави дека зимава јужното овошје ќе поевтини поради, како што рече, одлуката за зголемување на квотите за негов увоз во земјава.
Зголемени се квотите за увоз на јужно овошје – лимони, портокали, мандарини и слично и оваа зима граѓаните ќе имаат многу пониски цени на овие производи. Наместо квота од 8 000 тони, ќе се зголеми за дополнителни 2 000 тони до крајот на годината и зимоска ќе имаме многу пониски цени на јужното овошје“, вели Бектеши.
Покрај оваа, министерот откри дека Владата утринава донела и одлука за намалување на царинските давачки за увоз на овошје и зеленчук од 65, 55 и 45 проценти на 10 отсто. Ова нема да важи за доматите, краставиците и пиперките за, како што рече Бектеши, да им се остави простор на домашните земјоделци.
„Добро е што има зголемен извоз на земјоделски производи, но примарен треба да е нашиот пазар. Нашите трговци повисоки цени добиваат во соседните земји и преферираат да продаваат надвор од државата со што ние како држава двапати губиме – недостатокот го надоместуваме со увоз, за што се плаќа царина од 65 отсто. Така, пиперките наместо 100 денари веднаш чинат 165 денари без трговските маржи. Сакавме да ги заштитиме граѓаните и затоа ги донесовме овие мерки денес“, рече Бектеши.
Министерот додаде дека денешните мерки што ги донесе Владата стартуваат веднаш.