Градоначалникот Ристески ја враќа надежта во жедното Порече: Гради водовод, се грижи за природата и води битка против иселувањето

Општина Македонски Брод e општина со нулта толеранција за корупција, општина со непродуктивни трошоци сведени на минимум и трошоци за репрезентација еднакви на нула. Кога оваа изјава при својот отчет за сработеното пред неколку месеци ја даде Жарко Ристески, градоначалникот на Македонски Брод од ВМРО-ДПМНЕ ја разбуди вербата на граѓаните дека ќе се врати животот во општината која го живее ова наше сиромашно секојдневие, но изобилува со недопрена природна убавина.

Многумина, тогаш, се уверија дека не направиле погрешна проценка кога на локалните избори го дале својот глас за Ристески, магистер по менаџмент на човечки ресурси затоа што, како што велат жителите, многу работи се сменија на подобро. Градоначалникот ќе го видите и на еколошка манифестација и на спортски настани, на увид на изградба на улици, водоводна мрежа, паркови, како што сега од депонија се прави паркот „Алкалоид“, но може да го видите и како рамо до рамо со своите сожители прави генералка на околината.

И токму тоа беше повод да разговараме со градоначалникот Ристески, а освен за проектите што се реализираат во општината Македонски Брод, во нашето интервју неизбежно е и прашањето за  една од најтешките политички теми поради неправдата пред која е исправена Македонија – уставните измени и невозможните барања на Бугарија, содржани во францускиот предлог, иако на јавноста и е добро познат и досега неколку пати  потврден ставот на ВМРО-ДПМНЕ.

Advertisements

– И моето мислење е дека уставни измени под бугарски диктат се неприфатливи. Како дел од ВМРО ДПМНЕ секако го застапувам тој став. Не е во ред во време на демократско владеење и кога се залагаме за почитување на европските вредности, некој да наметнува услови за влез во Европската унија, вели градоначалникот на Македонски Брод во интервју за Глаголица.

Господине Ристески летово ги собравте сите аплаузи на жителите на неколку села во Поречието, откако до нив стаса веста дека во Ваш мандат после досегашните празни ветувања, конечно ќе добијат чиста вода за пиење, откако ќе се реализира изградбата на водоводната мрежа. Кажете ни кои села ќе бидат вклучени во проектот и во која фаза се наоѓа овој проект од непроценливо значење за жителите кои со години само во време на изборни кампањи добиваа лажни надежи дека ќе можат да живеат нормално и како што заслужуваат?

– На територијата на Општина Македонски Брод се реализираа неколку проекти за водоснабдување, кои опфатија повеќе населени места. Со изградбата на водоводниот систем за населените места Сушица, Инче, Зркле, манастирот „Света Богородица“, Горни и Долни Манастирец беше решен еден од најгорливите проблеми на населението од овие населени места. На овој водоводен систем се приклучи и системот за водоснабдување на населеното место Драгов Дол. Овде морам да го споменам и проектот за водоснабдување на населеното место Требино кој перспективно може да послужи и за алтернативно водоснабдување на Македонски Брод. Во делот на водоснабдувањето беше изграден и резервоар со зафатнина од 200м 3 како дел од водоснабдителниот систем за населбите Близанско и Здуње. Општината има изработено проектни документации и за водоснабдување на уште неколку населени места како што се Локвица и Вир, за овој проект преку министерството за животна средина и просторно планирање, се обезбедени финансиски средства, а за населените места Сланско, и Калуѓерец ќе се изнајдуваат можности за финансирање за
реализација и на истите. За населените места Лупште и Тополница предвидено е да се изработи проектна документација и потоа да се пристапи кон барање на можности за реализација.

Дали се обезбедени доволно пари за целосна реализиција на овој проект и кога
жителите може да очекуваат дека ќе биде готов?

– Прво споменатите два проекти се веќе реализирани и останува во најбрз можен рок да се изработи проектна документација за водоснабдување на населените места Лупште и Тополница со средства од општинскиот буџет и во текот на наредната година да се аплицира за изнајдување на финансиски средства за реализација.

Кога ја презедовте градоначалничката функција наследивте долг од претходната гарнитура во вредност од  59.487.548,00 денари. Претпоставувам дека е направена ревизија како се трошеле парите претходно, односно како се направени овие долгови, што покажа таа проверка и колку досега успеавте да подмирите од тој долг?

– По доаѓањето за градоначалник на општината извршив увид во финансиската состојба на општинскиот буџет и најголемиот дел, односно над 60 %, од наследениот долг се однесуваат на наследената кредитна линија која тврдам дека поради несоодветно пласирани податоци општината се стекнала со овој фамозен кредитен долг. До овој момент општината работи позитивно и успешно го сервисира долгот кој на годишно ниво изнесува околу 7.000.000 денари.

Како оди реализацијата на проектите што ги ветивте, со оглед на должничкиот
багаж од претходната власт?

– Мора да признаеме дека е тешко, со средствата што се одделуваат за отплата на наследените долгови можеше да се реализираат голем дел од моите предвидени проекти, но тоа е што е. Мора да ја прифатиме реалноста и со максимални напори да изнајдуваме решенија и можности за да одиме напред.

 Г-дине Ристески вие сте татко на градот чија околина изобилува со недопрена природна убавина, со чист воздух и ресурси кои се вредна основа за развој на руралниот туризам. Во овој контекст, имате оставрено средба со претставници од Грција во рамки на проекти за прекугранична соработка, дали на таа средба беше нешто конкретно договорено, а што би можело да се реалзира во општината Македонски Брод?

– Да, на средбата со претставници од општини од Република Грција се разговараше за заедничките интереси за партнерски настап пред меѓународните фондови и очекуваме оваа есен да биде отворен повикот за прекугранична соработка со Република Грција. Конкретно се разговараше за уредување, промоција и ставање на туристичката мапа на пештерата Пешна.

Познато е дека општината е домаќин на неколку еколошки манифестации, постојано на социјалните мрежи апелирате да се сочува подарокот од природата и животната околина, го инициравте фестивалот SAMOKOV XTREME, кои се придобивките од овој фестивал и има ли интерес од странски земји да ни гостуваат?

– Овој фестивал нас како општина не издвои од досегашната да речам на некој начин анонимност и гласот за Самоков и Македонски Брод се прошири низ републиката и надвор од неа. Интересот оваа година беше значително зголемен во споредба со минатата и ќе работиме на планот за фестивалот да биде со меѓународен карактер, бидејќи имаме заинтересираност и од странски учесници.

Иселувањето од земјава не запира, не станува збор само за рурален егзодус, буквално се иселуваат цели семејства од државава, се намалува бројот на ученици во училиштата, ни недостига квалификувана работна сила, младите ни заминуваат. Токму во овој контекст, на социјалните мрежи беше споделено и матурското табло на гимназијата „Св Наум Охридски“ на кое има повеќе наставници (22) од ученици (11). Каква е состојбата сега пред новата учебна година, колку првачиња има во основното училиште?

– Мора да признаеме дека народот не гледа надеж за успешна иднина во Република Македонија. Разочараноста од општествените услови е во секој поглед, во здравството, правниот систем, образованието па дури и во уметноста. Животот е еден и секој сака да си овозможи достоинствени услови за себе и своите деца.
Што се однесува до Матурското табло, навистина не „прослави“. Ама тоа не е случај само кај нас, само што ние тоа го истакнавме на социјалните мрежи. Инаку за оваа учебна година во истото средно училиште се запишаа 43 ученици во прва година. Во основното училиште запишани се 51 прваче. Зголемената бројка на запишани ученици во средното образование се должи на фактот што се воведе дуално образование во соработка со индустрискиот субјект АТС груп.

Со оглед на ограничените можности на општинскиот буџет јасно е дека многу малку може да се направи на овој план, но кои се вашите размислувања како владејачка гарнура во Македонски Брод, како да се најде чаре за оваа рак рана на нашето живеење и како да ги задржиме младите во земјава?

– Мора да признаеме дека навистина тежи наследениот товар. Јас се обидов да изнајдам модул како од тој долг континуирано да се ослободуваме и да изнајдеме нови можности за полнење на општинската каса. За таа цел во моментов дел сме од проектот на УСАИД за „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“. Постојано ги следиме повиците и објавите за прибирање на финансиски средства за реализација на проекти како од домашни, така и од странски фондации. Се уште постои ронка надеж за да го спречиме исселувањето од државата не само на младите и мислам дека решението е во промената на општествените услови кои секако би настанале со промена на оваа владејачка гарнитура. Власта треба да преземе драстични чекори за промена на условите и системот на образованието, да се изврши проценка за реалната побарувачка на работната сила, но и да се направи реална анализа за тоа што ние може да развиваме, односно, кои стопански области, согледувајќи ги природните специфики и врз таа проценка да се насочат и образовните текови.