Вторник, 7ми мај, во изборен молк, на само неколку часа пред отворање на избирачките места за вториот круг од изборите ја пишувам оваа колумна. Втор круг кој навидум нема големо значење, а во суштина има.
Јасно е, ВМРО – ДПМНЕ ќе освои најмногу пратенички места во Собранието, а дали, кога и со кого би направиле влада останува непознато. Се шпекулира за коалиција со ВРЕДИ и ЗНАМ, но бројќите ќе го кажат своето, пишува во својата колумна Стефан Богоев.
Во претседателскиот дел, се чини дека ќе биде избрана Гордана Силјановска, иако сеуште се надевам дека ќе преовлада разумот и ќе биде реизбран Пендаровски.
Но, со прогнозите доста е. Се враќам на поентата зошто вториот круг на изборите иако навидум однапред решен е суштински важен.
Овие избори се или нов почеток или тежок крај за СДСМ. Што од овие две опции ќе биде, зависи од сите нас, членовите и симпатизерите на партијата. Сега е време во кое е потребна прво длабинска анализа за тоа каде се се згреши и кој згреши. Иако згрешивме во некој дел сите, сепак, да видиме кој суштински и сериозно направи чекори кои доведоа до ова.
Второ, партијата мора да ги проветри своите редови. За жал или за среќа (времето ќе покаже), дел од членовите гласаа за ЗНАМ или за некои од другите партии. Велам за жал бидејќи СДСМ на овој начин загуби гласови, но секое лошо за добро е, па сепак партијата треба да го искористи овој момент за да преброи кои се оние најлојални членови на СДСМ кои и покрај се останаа тука. Особено имајќи предвид дека партијата има по статут непосредни избори за претседател и кога и да бидат тие во иднина, не смее да гласаат луѓе со членски картички кои заминале во друга партија која уште повеќе е во коалиција со ДПМНЕ.
Трето, партијата мора да ги издигне на пиедестал своите вистински социјалдемократски вредности како правичност, еднаквост, солидарност, но уште повеќе да даде акцент и значење во одлучувањето на своите најлојални долгогодишни членови. Да да, на оние отпорашите, на шарените револуционери, на “дежурните комуњари” кои секогаш со искрена намера и чиста идеа беа тука за СДСМ. За жал и вредностите и вистинските борци во изминатиот период ги подзаборавивме и тоа мора итно да се промени! Лесно беше да си СДСМ после 2017та, најтешкиот пат се чекореше пред тоа!
Четврто, СДСМ мора веднаш по екипирањето да почне проактивно да делува. Не, тоа не значи по дифолт да плука и критикува, напротив, да предлага, да креира и нуди решенија, а кога е потребно и да се критикува, тоа задолжително да биде со конкретен предлог за решавање на проблемот. Народот очекува дека партиите ќе се модернизираат и менуваат во своите делувања и пристапи, а СДСМ секогаш бил авангарда и пионир во модернизирањето на партијата.
Петто, но исклучително битно! Луѓето во партијата мора да сфатат дека генерацискиот часовник чука и тој е нормална работа. Никој не е вечен. Дури и во бизнисот, генерации се менуваат, во спортот исто така, па некогаш и Роналдо и Меси седнуваат на клупа и даваат шанса на помладите колеги. Во СДСМ е време за генерациска смена на сите нивоа.
Нови, млади, креативни и амбициозни кадри кои не се плашат да делуваат, а кои изградиле доволно искуство во политиката протестирајќи по улиците во време на режимот, но и конкретно вградувајќи се или во приватниот или во државниот сектор. Лојални на СДСМ, верни на Македонија. Такви луѓе во СДСМ има многу, за среќа! Иако тивки и ненаметливи, секогаш тука и кога било најтешко, но и најдобро, а и сега, повторно во најтешкото. Деца на партијата!
Секако, клучен е генерацискиот баланс бидејќи без искуството на повозрасните и искусни сдсмовци, партијата тешко да се издигне.Тие се институционалната меморија на партијата.
Иако сум бил многу млад, повозрасните ќе се сетат на создавањето на СДСМ. Тогашното раководство од искусни кадри на тогашната СКМ -ПДП одлучило да даде шанса на помладите. Да се екипираат, да направат свој автентичен начин на делување и на креирање политики. Така се издигнува тимот на Црвенковски и Поповски кој почнува да победува и да ја гради партијата и државата.
И читајќи ја колумнава некој ќе рече алудирам на себеси. Не! Целосно го тргам настрана личното за себе или за било кој друг. Алудирам на цела една генерација која дипломираше во Отпорот, магистрираше во Кампот на слободата, докторираше во Шарена револуција, а созреа и стекна искуство во овие години власт на СДСМ.
Што би рекол народот, искалени и исчеличени, дојдени по природен и органски пат.
И зошто го кажувам сево ова, а го читаат и луѓе кои не се членови или симпатизери на СДСМ?
Бидејќи само силен СДСМ е гаранција дека во македонската политика ќе има баланс, ќе се зачуваат слободата и демократијата и дека нема повторно да се вратиме во мрачните времиња на режимот. Овој пат е клучно во самиот старт да не дозволиме авторитано владеење кое потоа повторно ќе треба макторпно и ризично да го рушиме преку протести и револуции.
Вклучете се и помогнете. Подобро да се спречи, отколку да се лечи!