Ако ја следите реториката на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, тој постојано повторува дека доколку СДСМ биде повторно избран на власт, до 2030 г. Македонија ќе стане полноправна членка на Европската унија, а дека со евентуален избор на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на власт, земјата немало никогаш да стане членка на Унијата!
Но фактите го говорат токму спротивното.
Криминалното владеење на СДСМ и ДУИ и ужасното досие во борбата против организираниот криминал и корупцијата и владеењето на правото, забележано во последниот извештај на Брисел за напредокот на Македонија кон Унијата, е гаранција дека старо-нова влада на СДСМ и ДУИ само дополнително ќе го закочи и ќе го урниса евроинтеграцискиот процес на Македонија, дури и ако тој формално-правно почне.
Сепак, главен аргумент дека СДСМ не може ниту теоретски да ја внесе државата во ЕУ, е тоа што со едностраното прифаќање на т.н. Француски предлог, Владата на Ковачевски покажа дека нема политичка сила, знаење и моќ ниту да ги почне преговорите на Македонија со ЕУ, односно да ги отвори поглавјата од преговарачкиот процес, а не пак да ги заврши за четири години!?
Што ќе се смени доколку СДСМ на некаков спектакуларен начин повторно успее да формира Влада по изборите на 8 мај? Условите кои ги прифати Владата на СДСМ за отворање на преговорите со Унијата се неприфатливи за дво-третинското мнозинство од Македонците, односно за над 70 отсто од сите граѓани на државата. Ако минатата година, на мнозинството на СДСМ и ДУИ му фалеа 8 пратеници да изгласа уставни измени за внесување Бугари во Уставот, прифаќајќи идентитетски условувања за членство на Македонија во ЕУ, во идниот парламент ќе им недостигаат барем уште 15 пратеници повеќе! Како тогаш Ковачевски мисли Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и да ги заврши до 2028 г.?
Очигледно е дека само ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои ќе бидат доминантна политичка сила по изборите на 8 мај, може да создадат услови Македонија да ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ и да ги исполни условите за полноправно членство во Унијата. Без ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во Собранието никогаш нема да има 80 пратеници за измена на Уставот. А единствениот начин да се отворат преговарачките поглавја е идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, преку дијалог помеѓу Скопје и Софија (кој го поддржува и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар во својата последна изјава), како и со помош на нашите геостратешки партнери, САД и највлијателните земји членки на ЕУ, да создаде услови без идентитетски условувања Македонија да ги отвори преговорите, да го изоди европскиот пат и да стане полноправна членка на Унијата.
Се друго е само лажна политичка пропаганда на претседателот на СДСМ!
Фејсбук статус на Зоран Димитровски,
генерален секретар на Демократски сојуз