Автор: Денис Ал Калили, доктор на медицина
Потписот е важен симбол на индивидуалноста, личен знак, своерачно лого. Алатка со длабоки традиционални корени. Многу историски документи, писма и архивирани писанија од пред многу векови носат потпис на одредена личност, човек кој во тој миг, дел од своето знаење и способност, одговорност, општествена улога ја преточил во документ. Потписот во денешно време има иста тежина како и пред стотици години. Се уште има вредност како обврска, симбол на согласност, одговорност, свесност за напишаното и потврда за идентитетот на авторот, т.е. потписникот.
Потписот покрај обврска и одговорност значи и традиција, авангардност, професионализам. Доколку имаме убаво и квалитетно пенкало или налив перо доживувањето може да биде уште повпечатливо. Понекогаш пенкало за потпишување на документи може да добиеме на подарок или да подариме некому. Тоа со себе носи посебен шарм и ја зацврстува професионалната или пријателска поврзаност.
Со чинот на потпишување своите интегритет, знаење и одговорност ги ставаме на самиот документ. Затоа потписот симболизира доверба, сигурност, интегритет. Но, потписот во себе носи и вградени правни законски норми и обврски, повеќе отколку што сме свесни во нашето секојдневие. Улогата на потписот, пред се, е идентификација, потврдување на идентитетот. Оттука потпишувањето повлекува лична одговорност. Со потписот се потврдува нашата свесна намера и информирана согласност. Потписот секогаш значи дека сме ја прочитале содржината на потпишаниот документ, сме разбрале за што се работи и ја прифаќаме содржината на документот како таков. Потписот има правно значење за волја и намера, согласност со документот, а оној кој потпишува се обврзува да ги исполни наведените обврски во документот, спогодбата, договорот, тестаментот, изјавата за ополномоштување и слично.
Во современото општество потписот не е само формалност. Денес сечиј потпис е значаен, секој кој потпишува презема одредена морална, правна и општествена одговорност. Потписот е моќен инструмент кој овозможува денешното општество да функционира, со огромниот број процеси, делегирани функции, институции, компании, финансиски текови итн. Секојдневно се потпишуваат огромен број најразлични договори, за работа, за изнајмување стан или канцеларија, купопродажни договори. Но, пример за правна обврска и одговорност е и потпишувањето согласност за стапување во брак, издадената дозвола за градба, потврдата за трансфер на пари во банка, рецептот за издавање на лек во аптека, потписот на наставничката на писмената работа на ученикот, извршената поправка на автомобилот итн. Често забораваме на значењето на потписот и потпишувањето, бидејќи тоа го правиме рутински. Но, ќе се согласите дека во секој од горенаведените примери потписот има значајна функција.
Во правниот контекст, потписот може да служи како доказ за нечија одговорност, извршена услуга, спроведен надзор, правилно направена контрола, реализирана обврска според закон или доказ за небрежност. Во сложените општествени процеси потписот служи за пренос на одговорноста во рамки на институциите, јавните претпријатија, компаниите, во рамки на државниот, политичкиот и општествен систем. Овој пренос на одговорноста преку потпис најлесно може да го објасниме преку пример. Ќе земеме млад студент на медицина кој наскоро треба да стане доктор. Во текот на студиите, при полагање на испитите, професорите со својот потпис го потврдуваат неговото знаење. Професорите функција и одговорност добиваат од факултетот, чиј декан со својот потпис и наставниот совет со своите потписи им ја пренеле одговорноста да држат предавања на студентите и да го испитуваат нивното знаење. Откако студентот ќе положи многу испити, се стекнува со диплома и титула – Доктор на медицина.
Деканот и професорите со потписите на дипломата му предаваат одговорност да може да работи како доктор и да ги лекува пациентите. Дозвола за работа и понатамошна одговорност докторот добива од Лекарската комора, преку потписи од Комисијата и Претседателот на комората. Со вака стекнатата одговорност, која се базира на нечија точно позната и дефинирана одговорност преку потписите на дипломата и на лиценцата за работа, докторот може да лекува пациенти и да им препишува лекови. Рецептите и упатите од докторот задолжително имаат потпис. Со рецептот докторот (на своја одговорност) ѝ пренесува на аптеката кој лек да му го издаде на пациентот. Аптеката не потпишува, но ги чува и документира рецептите со потпис од докторот и сметките за издаден и наплатен лек како доказ дека одговорноста, се уште, е кај докторот кој го препишал лекот.
Друг пример е безбедноста на возилата во сообраќајот. Кога купуваме возило, во купопродажниот договор е наведена состојбата на возилото. Со потпис на двете страни возилото се префрла на новиот сопственик. Одговорноста за неговото одржување и правилно користење се префрла на новиот сопственик. Доколку возилото е регистрирано, поседува потврда за спроведен технички преглед каде стои потпис од оној кој го спровел техничкиот преглед. Со потпишување на тој документ, техничарот станува одговорен за состојбата на возилото. За да се заштити од одговорност при незгода, тој мора да алармира и да не го пушти возилото со позитивна оценка доколку утврди дефект. Техничарот ги добил правото и одговорноста да врши преглед на возила со потпис од лице од институцијата каде се обучувал и со потпис од управителот на компанијата каде работи. Компанијата за да може да работи, мора да добие документ (лиценца, одобрение) од институција која е задолжена за тоа, но повторно со потпис од лице кое извршило контрола на условите, опремата и увидело дека може да се врши таква дејност.
Значи секаде каде има одговорност, без разлика дали тоа е факултет со многу професори, училиште, компанија или јавна институција, постои лице кое го дава својот потпис, а со тоа презема одговорност за сработеното. Институцијата сама не дава дозволи, факултетот сам не дава дипломи, фирмата сама не прави технички преглед. Секаде, зад сите институции и процеси стојат одговорни луѓе. Функционирањето или нефункционирањето на системот лежи токму во рацете на овие луѓе, во нивната одговорност, во нивниот потпис кој го ставаат секојдневно. Ова важи подеднакво за сите чинители во општеството, од доктори, службеници, работници, судии, обвинители, директори, новинари и уредници, политичари и сите останати.
Во европските држави меѓусебната врска на потписот и одговорноста, депонирање на потписот и повикувањето на одговорност, се регулирани во рамки на законот. Потписот се депонира во националната база на податоци заедно со отисоците од прстите за докажување на идентитетот и автентичноста на документите кои ги потпишува лицето. Во современата дигитална ера постои електронски потпис кој, ако се имплементира согласно безбедносните стандарди, се смета за еднаков, дури и побезбеден од традиционалниот потпис.
Улогата на потписот не треба и не смее да се потценува, бидејќи тој ги рефлектира основите врз кои е изградено современото општество. Во современиот свет во кој уникатноста, креативноста, личниот и дигитален идентитет сѐ се поважни, свесното и одговорно ракување со својот потпис останува есенцијален дел од довербата во државните институции, во правните процеси и во меѓучовечките односи.