Научници нудат награда од 250.000 долари за секој кој може да прочита серија ракописи стари 2.000 години јагленисани за време на ерупцијата на Везув.
Споменатата ерупција ја уништила Помпеја во 79 н.е., а стотици текстови од библиотеката Херкуланеум биле затрупани и јагленисани.
Ракописите се појавиле во 1752 година во вила во близина на Неаполскиот залив, за која некогаш се верувало дека му припаѓала на роднина на Јулиј Цезар, но нивната содржина останала мистерија, бидејќи научниците сметале дека се премногу кревки за да се отворат.
Сепак, тим од научници сега започна натпревар, откако покажа дека систем за вештачка интелигенција може да извлече букви и симболи од ренгенски слики на документи со висока резолуција.
Тој алгоритам за машинско учење беше обучен да чита мастило на површината и скриени слоеви на неотворени свитоци.
„Покажавме како може да се чита свитокот Херкуланеум. Ова ни дава можност да откриеме 50, 70, можеби 80 проценти од целата колекција. Изградивме брод. Сега сакаме сите да се качат на бродот и да пловат со нас“, изјави професорот Брент Силс за британскиот весник „Гардијан“.
Силс е компјутерски научник на Универзитетот во Кентаки и автор на истражување во кое се користело вештачка интелигенција за читање на свитоците.
Научниците го објавуваат софтверот што го користеле, плус илјадници 3D рендгенски слики од два неотворени јагленисани свитоци и три фрагменти од папирус за да им помогнат на другите да ги дешифрираат документите.
Тие се надеваат дека научни тимови од целиот свет ќе им помогнат да го подобрат софтверот за вештачка интелигенција и да ја постигнат својата цел.
„Имаме натпревар за да можеме да ја зголемиме нашата способност да извлекуваме сè повеќе текст“, рече Силс.
Секоја научна група ќе се натпреварува за награда од 150.000 долари. Парите ќе му бидат доделени на првиот човек што ќе прочита четири делови од текст од внатрешните слоеви на свитоците пред крајот на 2023 година.
Дополнителни 100.000 долари ќе добијат и оние кои ќе можат да го детектираат мастилото на свитоците од 3D рендгенските снимки.