Претседателот Стево Пендаровски, вечерва на свечена церемонија со „орден за заслуги“ ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.
На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.
Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци, посочи претседателот Пендаровски.
„Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци. Уште од нивниот прв албум објавен во далечната 1978-та, „Леб и сол“ беа дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion„ – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето. Пред речиси половина век, „Леб и сол“ се етаблираа во национална гордост и категорија, статус кој без напор го одржуваат низ годините, сѐ до ден-денешен“ рече претседателот.
„Прашајте кој било млад човек кога за прв пат навлегува во светот на музиката, дали знае за гитарското интро на Влатко во „Бистра вода“, фретлес бас-линиите на Бодан во истата нумера, аранжманите на Кокан во „Учи ме мајко, карај ме“ или седумосминските ритми на Гаро кога тапанот ќе грмне со подземен екот. Патувањето на „Леб и сол“ од Скопје до меѓународно призната музичка постава е доказ за моќта на нивното креативно изразување кое далеку ги надминува националните граници. Преку специфичните миксови на наследството на нашата нација со планетарните музички влијанија, „Леб и сол“ не само што го збогатија културниот идентитет на македонското општество, туку, дадоа суштински придонес и за развојот на музиката и на глобално ниво“ порача Пендаровски.