Само две недели со ограничен пристап до интернет на мобилниот телефон можат значително да го подобрат вниманието, концентрацијата и општата психичка состојба, пренесува РТС, повикувајќи се на текст на Washington Post и на студија објавена во PNAS Nexus. Според истражувачите, ефектот бил толку изразен што дел од резултатите се споредуваат со „враќање“ на когнитивни функции поврзани со помлада возраст.
Во истражувањето учествувале повеќе од 467 лица со просечна возраст од 32 години. Во период од 14 дена тие користеле апликација што го блокирала интернетот на телефонот, но им овозможувала повици и пораки, односно паметниот телефон практично бил сведен на основна комуникациска алатка. За тоа време, просечното дневно користење на интернет се намалило од 314 на 161 минута.
Резултатите покажале подобрување кај одржливото внимание, менталното здравје и чувството на благосостојба. Истражувачите наведуваат дека напредокот кај вниманието бил приближно еднаков на десет години когнитивен пад поврзан со стареењето, додека ефектот врз симптомите на депресија бил поголем од оној што обично се забележува кај антидепресиви и сличен на ефектите од когнитивно-бихејвиорална терапија.
Особено интересно е што позитивни ефекти биле забележани и кај дел од учесниците кои не успеале целосно да се придржуваат до правилата. Тоа, според авторите, покажува дека дури и делумно намалување на времето поминато на интернет може да донесе конкретни придобивки. Пораката од ова истражување е дека мозокот очигледно има потреба од пауза, а понекогаш се доволни само 14 дена за таа промена да се почувствува.


