Харисон Форд доби награда за животно дело, Ема Стоун за најдобра актерка

Легендарниот Харисон Форд доби награда за животно остварување на синоќешното доделување на наградите од филмските критичари во Холивуд и со емотивен говор им се заблагодари на семејството и соработниците.

„Навистина сум среќен што сум овде вечерва за да видам во што се претвора нашата професија. Да ги видам сите талентирани луѓе кои добиваат можности кои веројатно не би постоеле во раните години од мојата кариера. Благодарен сум на сите добри актери, гледам многумина од нив овде вечерва, со кои работев и длабоко сум среќен што ги имав можностите што ги имав“, вели 81-годишниот актер.

Форд додаде се чувствува премногу среќен за честа што му е укажана и ѝ се заблагодари на неговата сопруга, актерката Калиста Флокхарт, со која е во брак од 2010.
„Таа ме поддржува кога најмногу ми треба поддршка, а мене навистина ми треба многу поддршка“, рече тој.

Advertisements

Режисерот на „Индијана Џонс и артефактот на судбината“ (Indiana Jones and the Dial of Destiny) Џејмс Манголд беше тој што му ја врачи наградата на Форд.

Инаку, филмот „Опенхајмер“ (Oppenheimer) беше големиот победник на наградите за избор на критичарите во 2024 година, земајќи осум трофеи, вклучувајќи најдобар филм, најдобар режисер (Кристофер Нолан) и најдобар спореден актер (Роберт Дауни Џуниор). Следеше „Барби“ (Barbie) со шест победи, меѓу кои за најдобра комедија и најдобрата песна („I’m Just Ken“).

Наградата за најдобрата женска улога ја доби Ема Стоун за „Бедни суштества“ (Poor Things), а најдобра машка му припадна на Пол Џиамати за „The Holdovers“. Наградата за најдобар странски филм отиде кај „Анатомија на падот“ (Anatomy of a Fall).