Стресот е неизбежен, особено во брзото темпо на живот што ни го наметнува секојдневието на повеќето од нас. Можеби стресните моменти не може да ги избегнете, но има начин како да се менаџираат – со физичка активност. Пилатес или функционален тренинг се дел од опциите со кои може да го постигнете тоа.
Зошто е добро да бидеме физички активни? Дали е доволно само тоа? Што му прави пилатесот, а што функционалниот тренинг на нашето тело? Колку време треба да одвоиме за да вежбаме?
Ова се дел од прашањата за кои разговаравме со Анета и Ристе Пејкови, пилатес инструкторка и фитнес тренер од „Авенија фитнес“. Двајцата, од рекреативно денеска се занимаваат професионално со овие дисциплини, а од неодамна преку своето студио во Аеродром нудат пилатес и функционални тренинзи – во мали групи каде секој го добива потребното внимание, но и персонализирани тренинзи.
Во продолжение прочитајте го нашиот разговор со нив.
Зошто решивте покрај рекреативно и професионално да се занимавате со пилатес и функционален тренинг?
Анета: Искусувајќи ги бенефитите од здравиот и активен начин на живот решивме да ги инспирираме луѓето на промени. Промени кои не се однесуваат само на физичкиот изглед, туку и на одржување на сопственото здравје и виталност.
Зошто пилатесот е добар? И зошто функционалните тренинзи се добри?
Анета: Пилатесот претставува динамичен систем за јакнење и оформување на мускулите, ја подобрува циркулацијата, рамнотежата и целокупно го подобрува изгледот и ја зголемува самодовербата.
Ристе: Функционалниот тренинг е вид на вежбање што се менува со висок и низок интензитет. Ваквиот тренинг може да ви помогне да согорите повеќе калории и масти за пократко време во споредба со класичните кардио справи. Ги насочува вашите мускули да работат заедно и ги подобрува секојдневните задачи. Главните компоненти што го карактеризираат овој тип на тренинг се: сила, јачина, зацврстување, мускулна издржливост, како и засилување на кардиоваскуларниот систем. Практикувајќи ги овие компоненти, ќе имате голем број на придобивки во вашиот секојдневен живот.
Колку начинот на живот денеска (динамиката,стресот) ја наметнуваат потребата да се биде физички активен?
Анета: За жал, стресот поприма форми на коишто ние не сме навикнати, кои го наоѓаат нашето тело неподготвено и збунето. Физичката активност овде доста придонесува за менаџирање на тој стрес со самото воведување на промена во начинот на исхрана, степен на физичка активност и доволно спиење.
Дали е потребно само да бидеме физички активни или тоа оди рака под рака со здравата исхрана?
Ристе: Здравиот начин на живот има три столба, прво здрав начин на исхрана, физичка активност, елиминирање на нездрави навики.
Колку време е потребно некој да одвои (неделно) за тоа да биде доволна физичка активност?
Ристе: Практикувањето на некоја физичка активност е особено корисна за имуниот систем и за нашето целокупно здравје.Најважно е да се запази континуитетот од три до четири пати неделно на пример и да се настојува да се искористи барем мал дел од слободното време за практикување на некоја лесна физичка активност.