(ВИДЕО) Незаборавните осум албуми на култните „Екатерина Велика“ повторно со нас – е тоа беше бенд!

Доаѓаат убави вести за неповторливата музика на култната рок група од Белград и еден од најуспешните и највлијателни бендови на просторот на поранешна Југославија „Екатерина Велика“.

Сите осум студиски албуми на „ЕКВ“ повторно ќе бидат објавени следната година, кога се одбележуваат четири децении од излегувањето на нејзиниот дебитантски албум „Катарина II“.

Тоа е резултат на успешната соработка на „ПГП РТС“, „ЗКП РТВ Словенија“  и Задужбината Милан Младеновиќ. На дигиталните сервиси ќе бидат достапни албумите „Љубав“, „Пар година за нас“, „Дум дум“ и „Неко нас посматра“, кои се ремастеризирани директно од оригиналните студиски ленти.

Advertisements

„Бидејќи следната година се 40 години од објавувањето на албумот „Катарина II“, решивме да го одбележиме тоа на посебен начин, со ексклузивен бокс сет. Тој ќе ги содржи сите осум студиски албуми, плус едно концертно издание“, изјави директорот на „ПГП РТС“, Владимир Граиќ.

Да се потсетиме на легендите – гитаристот и пејач Милан Младеновиќ, клавијатуристката Маргита Стефановиќ и басистот Бојан Печар.

Нивната моќна музика и оригинални текстови ги освојуваа поранешните балкански простори. Во сите градови беа пречекувани со многубројна публика и имаа одлични концерти. Талентирани и револуционерни овие музичари имаа трагична судбина. На почетокот на 1994 година Милан Младеновиќ  заминува во Бразил каде заедно со пријателот и музичар Митар Суботиќ и со група бразилски музичари работи на албумот „Angel’s Breath“.

По неговото враќање во Белград бендот продолжува со концертните активности и отпочнува со работа на новиот албум чиј работен наслов е „Поново заједно“. Работата на албумот е прекината поради здравствени проблеми на Милан. Во август 1994 година бендот свири на фестивалот во Будва и тоа е нивен последен концертен настап. Следниот ден Милан Младеновиќ е префрлен во болница каде што е откриено дека има рак на панкреасот. Неколку месеци подоцна, на 5 ноември 1994 година, Милан Младеновиќ умира во Белград на 36 годишна возраст. Со неговата смрт Екатарина Велика престанува да постои.

Бојан Печар умира во Лондон од срцев удар на 13 октомври 1998 во 37-та година од животот.

Маргита Стефановиќ починала на 18 септември 2002 година во Белград на 43 годишна возраст. Причината за смртта не е официјално потврдена, но се смета дека најверојатно умрела од последица на долгогодишното интравенозно користење на дрога.