(ВИДЕО) Романтично со Сашко Коцев и Јелена Јованова во „Нешто слатко“ – еве го трејлерот

Излезе трејлерот од романтичната комедија „Нешто слатко“ во која главните улоги им се доверени на нашите актери Јелена Јованова и Сашко Коцев, а која својата премиера ја доживеа во Љубљана.

Во главните улоги играат и Ула Фурлан, Оријана Џирото и Ранко Бабич. Режисер е стендап комичарот Тин Водопивец, сценарист Уршка Мајдич.

Комедијата е испреплетена со разни случки во животот на Каја (Јелена Јованова), организаторка на маркетинг конференции чија кариера виси на конец кога нејзиниот главен адут Аце Мајсторовски (Сашко Коцев), маркетинг гуру од Македонија, го пропушта својот лет. За да се избегне катастрофа, таа му наоѓа замена – локален слаткар кој многу личи на него.

Advertisements

Претходно, за Умно.мк Коцев изјави дека ова е филм за човековата прва и последна шанса во животот, како и дека Водопивец, со кого имаат настапувано на многу стендап настапи во Скопје, Белград, Хрватска, Словенија…, му е пријател повеќе од десет години. Токму по негова сугестија и Јелена Јованова стана дел од филмот.

„Некако и мене ми требаше поддршка во таа средина во која никого не познавав. Во тој психолошки несигурен простор ми требаше личност што ме знае целиот мој живот. Со Јелена сме поминале и добро и лошо, плус таа живее во Хрватска. Буквално тимот стана како Југославија во мало. Јелена веднаш се нафати и многу се радувам поради тоа“, изјави Коцев за Умно.мк.