Познатата југословенска и српска поп-рок пејачка и авангардна уметница Александра Слаѓана Милошевиќ почина на 69-годишна возраст, потврди нејзината пријателка Билјана Петровиќ за белградската агенција ФоНет.
Блиц пишува дека пејачката која била на интензивна нега во земунската болница имала инфекција на белите дробови, а нејзиниот тест за ковид се покажал позитивен.
Родена е во Белград на 3 октомври 1955 година и важеше за една од иконите на новиот бран од осумдесеттите во тогашна Југославија.
Првиот соло настап го имаше на фестивалот „Студентско лето“ во 1974 година, каде што победи, а три години подоцна го достигна самиот врв на југословенската поп-рок сцена со песната „Ау, ау“.
Истата година го имаше својот прв голем настап на легендарниот Белградски концерт кај Хајдучка чешма, каде што настапи пред Бијело дугмет.
Милошевиќ почна да крши табуа кога ја објави песната „Секси дама“, која беше забранета да се емитува на бројни радио и телевизиски програми.
Таа во 1979 година ја промовираше песната „Амстердам“, а во 1981 година настапи на изборот за југословенски претставник на Евровизија, кога со композицијата „Рецепт за љубов“ го освои 8-то место.
Со тато Топиќ во 1984 година ја сними хит песната „Принцеза“, која беше преведена и на англиски јазик, а во 1989 година замина во САД, каде извесно време свиреше со групата „Baby Sister“.
Извесно време била брокер на берза, а работела и во маркетинг агенции. Се врати во Белград во 1995 година.