42 години од смртта на Ацо Шопов – Левица во спомен на македонскиот поет положи цвеќе на гробот

„Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече.”
Нека му е вечна слава!

Претставници на штипските ЛО Левица и на Црвена младина положија цвеќе на гробот на македонскиот поет Ацо Шопов.

На 20 април 1982 година е починат Ацо Шопов, македонски поет и преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија. Автор на првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, ,,Песни” (1944), објавена во „Млад Борец”, Белград.

Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година и на која Шопов ѝ ја посветил песната „Очи”.

Advertisements

По војната, Ацо Шопов матурирал во родниот град и заминал за Скопје, каде ги завршил студиите на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија. Во 1978 година, болеста го присилила да го напушти активниот живот.

За време на животот, Ацо Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.