Отворена е најголемата и најопремена дигитална судница во државата во Идризово, со површина од 1089 м2, со судска сала од 290 м2 и капицитет за 120 лица, информираат од Министерството за правда.
„Изградена е по примерот на судниците во државите со големо искуство во сузбивањето на организираниот криминал. Таа е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој меѓудругото содржи и простории за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видеоконференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Комплексот располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, како и за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите“, велат од Министерството за правда.
Вкупната вредност на изградбата на објектот изнесува 1,3 милиони евра, од кои речиси 975 илјади евра се обезбедени преку ИПА акциската програма „Поддршка за секторот правда” на ЕУ. Од министерството појаснуваат дека за набавка на безбедносната опрема била обезбедена донација од Амбасадата на САД во земјва, во вредност од над 60 илјади евра.
За оваа новоизградена судница, Владата од буџетот издвоила околу 283 илјади евра финансиска помош и дополнителни 45 илјади евра преку Управата за извршување на санкции за набавка на мебел и опрема.