АА до ВМРО-ДПМНЕ: Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш

Решението што го нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти, реагираат од Алијанса за Албанците на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за промена на Уставот по хрватски модел.

„Tоа што ВМРО размислува и зборува за уставни измени е добра работа за нив како политички субјект, но и за државата. Од друга страна, решението што го нуди овој политички субјект во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти. Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“, велат од Алијанса.

Од Алијанса за Албанците велат дека ВМРО-ДПМНЕ мора да ги надмине нивните изборни интереси и да се воздигне на должноста што им припаѓа, вклучително и подготвеноста на нејзиниот лидер јавно да се изрази, во отстранувањето на навредливата терминологија за јазикот на нивните сограѓани, во случајов албанскиот јазик.

Advertisements