Адвокатот, Глигорие Ќатоски кој ѝ е познат на македонската јавност по правната битка што ја водеше против апанажата сега ќе поднесе иницијатива за измена на чл.11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица по најавите дека платите на функционерите би можеле да се зголемат за 78 проценти.
Овој млад и амбициозен адвокат, лани поттикнат од прекршувањето на темелните вредности на владеењето на правото и принципот на еднаквост на сите граѓани пред Уставот, иницираше да се преиспита Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица кој предвидува функционерите да земаат плата и по престанувањето на функцијата најмногу 12 месеци.
Токму Ќатоски и сега има иницијатива до партиите во парламентот со која бара измени во законот за да се спречи енормниот раст на функционерските плати.
„Со одлуката на Уставниот суд на РМ со која се укинаа одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија значително се зголеми основицата за пресметување на плата на функционерите. Зборувајќи од номотехнички и правен аспект мое мислење е дека одлуката на Уставен суд е исправна иако зачудува мотивацијата кај колегата адвокат за поднесување на оваа иницијатива, како и експедитивноста на Уставен суд да одлучи по иницијативата во во рок од 2-два месеци од поднесување на иницијативата. Би сакал да напоменам дека по иницијативата за укинување на апанажата на Уставен суд одлучуваше повеќе од 1-една година, вели Ќатоски.
Тој порачува дека на потег сега се парламентарните политички партии од опозицијата и власта кои треба да покажат солидарност со својот народ во време на криза.
„Поради тоа до парламентарните партии ќе поднесам иницијатива за измена на чл.11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија во која измена основицата за пресметка на платата на фукционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“, вели младиот адвокат.
Тој смета дека ваквата измена на законот е економски оправдана имајќи предвид дека во изминатиот период нашата држава се соочуваше со корона криза, економска криза, а сега и криза предизвикана од воениот конфликт во Украина.