Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер од граничниот премин „Богородица“ каде што денеска оствари работна средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека просперитетот и безбедноста на Македонија се во нејзиното пристапување кон Европската Унија.
„Сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени, јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од ЕУ, но кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава се во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа“, изјави Агелер.
Амбасадорката на САД вели дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичките структури оти сакаат да бидат дел од ЕУ, а политичарите од сите партии да работат во насока на интеграција на земјава во ЕУ.
Агелер се сретна со Спасовски на ГП „Богородица“ каде што беше претставена донацијата од САД – „боди камери“ за полициските службеници, како и на двете специјализирани возила за откривање радиоактивен материјал.